Плаошник

Плаошник

Локалитетот Плаошник е сместен во јужното подножје на повисокиот рид на Охрид, на зарамнето плато меѓу цитаделата на Самоиловата тврдина и црквата Св. Јован Канео на брегот од Охридското Езеро. Плаошник е исклучителен археолошки комплекс со културни слоеви од праисторијата, антиката и средниот век. Плаошник, Црква Свети Климент и Свети Пантелејмон, Охрид, 893 година. Црквата Свети Климент и Свети Пантелејмон историски, културно и духовно е најзначајниот и најсветиот простор за Македонија и пошироко. Ова светилиште одиграло голема улога и во просветувањетот на Македонците.

 

Свети Климент кој бил еден од најистакнатите ученици на Кирил и Методиј кон крајот на 9-ти век доаѓа во Охрид и во 893 година ја изградил Црквата Пантелејмон на Плаошник. Поред неговата духовна дејност тој имал и огромно просветителско влијание. Во Плаошник ја основал Охридската книжевна школа. Низ Охридската книжевна школа поминале повеќе од 3500 подготвени ученици и таа во тоа време претставувала центар на образованието и јазикот, повеќе позната е како „Прв словенски универзитет“. Црковните книги кои во Охридската книжевна школа се пишувале на кирилица претставувале темел за ширење на правосланото христијанство на Балканот и пошироко.

 

Плаошник ноќе

Уште додека бил жив Свети Климент ја проширил црквата и во неа изградил скоромен гроб во кој бил погребан по неговата смрт во 916 година. Во 15-ти век во периодот на Отоманското владеење, црквата била до темел разурната. Во 2002 година црквата Свети Пантелејмон е обновена и во неа се пренесени моштите на Свети Климент. Од тој момент црквата званично го носи името Свети Климент и Свети Пантелејмон.

Со најновите систематски археолошки истражувања кои се одвиваа од март до декември 2007 година и во текот на 2008 година започна реализацијата на втората фаза од проектот “Плаошник”, односно започна реализацијата на проектот Возобновување на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник во Охрид. Целта на овие истражувања, кои продолжија и сè уште траат, е комплетно да се истражи просторот на т.н. Светиклиментова почва и, покрај другото, да се утврдат остатоци од постоењето на манастирските конаци, што во овој случај би значело и убицирање на просторните услови за функционирање на т.н. Охридска книжевна школа, или Охридската книжевна академија, или, како што веќе се нарекува Светиклиментовиот универзитет.