За пештерата
Според спелеолозите, Пешна е пештера со најголем отвор на Балканот – висината на отворот изнесува 40 метри, а широчината 56 метри. Должината на пештерата е 124 метри. Се наоѓа во близина на Македонски Брод. За убавината на пештерата зборува тоа што „Њујорк тајмс“ ја споредил со „Helms Deep“ од „Господарот на прстените“. Од крајниот северен дел на пештерата, по силни дождови и топење на снегот избива силен вруток, кој во сушните периоди од годината наполно пресушува. Според месното население, водата понира од селото Крапа, кое се наоѓа на повисока надморска височина, а која формира неколку езерца и водопади во „најголемиот пештерски систем кај нас“, за кој се претпоставува дека е долг дури десет километри.
Според легендата која и ден денес се раскажува, уште во 14-тиот век опеаниот македонски јунак Крали Марко и изградил куќа на својата сестра Пешна на самиот почеток од пештерата, која подоцна почнала да се нарекува Пешна. Куќата со своите огромни и дебели камени ѕидови наликува на мала тврдина. Благодарение на дебелите каменити ѕидови денес дел од тврдината е останат и може да се види.Oва ремек дело на природата со својата величествената големина, својата грандиозност и својата убавина ќе ве остави без здив.
Интересно за оваа пештера е што во пролет, кога се топат снеговите од високите планини во тој предел, на влезот од пештерата ќе ве пречека жубор на мала река која извира од малото езеро кое се наоѓа на крајот од пештерата. Потоа ќе ве пречекаат ѕидините на куќата на Пешна, а веднаш зад неа огромна пештера која ќе ви го одземе здивот. Горниот дел од пештерата кој е висок триесетина метри, не се карактеризира со многу сталактити, но затоа ќе наидете на прекрасни форми направени од самата карпа кои дефинитивно ќе ви го задржат погледот. Без разлика каде ќе го спуштите вашиот поглед, тој ќе наиде на карпи кои достигнуваат големина и над два метри со прекрасен разигран релјеф. Благодарение на огромниот отвор, сончевите зраци успеваат да продрат дури и до крајот на пештерата и слободно можете да прошетате низ неа без никаков проблем. Кога ќе стигнете до крајот на самата пештера, свртете го вашиот поглед наназад за да не го пропуштите овој несекојдневен видик кој плени со својата убавина.