Местоположба
Во северо-западниот дел на Македонија, во близина на Скопје на реката Треска, е лоцирано езерото Матка. Тоа е најстарото вештачко езеро во Македонија, чија акумулација е изградена во 1938 година. Се протега 7 километри низводно по реката Треска, величенствено со својата метално сиво – зелена боја. Стрмните сиви седиментни трошни карпи се омилена рута и вечен предизвик на алпинистите. Преубаво парче недопрена природа, богата со ретки животински видови и со ендемични растенија на само 15 километри од главниот град.
Паркот е составен од три пештери Врело, Убава и Крштана, како и една подводна пештера – Подврело. Температурата на водата е констатно 7 до 9 Целзиусови степени, а температурата на воздухот во лето е за околу 9 степени пониска од онаа во градот.
Пештера Врело
Врело е единствената пештера што во моментов функционира како туристичка атракција. До сега откриената длабочина е 230 м што во моментов ја прави најдлабока подводна пештера на Балканот и втора најдлабока во Европа. Пештерата е систем од две пештери една над водата наречена Врело и една под водата наречена Подврело и езеро. На таванот е вистински „дожд“ од сталактити, а не помалку зачудуваат неколкуте столбови. Посебно воодушевуваат „столбовите близнаци“, кои се високи околу 6 метри и се со бела кристална боја.
Во длабочината на пештерата се наоѓаат две езера, Мало и Големо Езеро со своја т.н. руска плажа. Плажата го добила името така што меѓу првите во неа се бањале руски пилоти вработени во македонското воздухопловство. Малото езеро има форма на осумка. Присуството на сталактитите во водата упатува на заклучок дека некогаш во пештерата немало вода. До пештерата Врело се стигнува со чамец. Чамецот застанува на специјално направена платформа, а потоа се пешачи до влезот на пештерата. Веднаш на влезот се наоѓа „концертната сала“. Централниот простор го зазема сталактитот „шишарка“, според кој е наречена втората сала – Сала на шишарката, додека понатаму е третата сала – Сала на езерата. Името на пештерата Врело, доаѓа од зборот врело што означува силен извор на вода во варовнички предели, како што е овај. Веднаш до самата пештера постои отвор над самото ниво на водата на езерото низ кој на неколку секунди постојано излегува млаз од вода од изворот Врело во внатрешноста на пештерата, кој прави мали кружни бранови над површината на водата.