Споменикот на природата „Маркови Кули“ се наоѓа во централното подрачје на Република Северна Македонија, на површина од 3.548 хектари. Релјефно претставува дел од низок планински огранок на планината Бабуна, којшто висински се протега помеѓу 660 м.н.в. и 1422 м.н.в. Го сочинуваат две низи од импозантни грамади со највисоките врвови Златоврв (1.422 m), Липа (1.392 m) и Единак (1.313 m). Западната низа е сочинета од грамадите Маркови Кули (945 m), Зеленик (993 m) и Заградски Стени (1.153 m), додека источната ја формираат грамадите Кукул (978 m), Глајца (1.033 m) и Единак (1.303 m). Двата масиви се спојуваат на север. Именуван е според најјужниот рид Маркови Кули со највисока точка на Чардак (945 m). Ова карактеристично планинско било, речиси од сите страни јасно е ограничено и тоа со долината на Стара Река на север, Прилепска Река на југ и Прилепско Поле на запад и југозапад.
Тврдините Маркови Кули се симбол на градот Прилеп. Градени се за време на моќните македонски кралеви a нивниот доминантен одбранбен систем ги прави единствени на Балканот. Името го добиле по последниот крал, најпознатиот и во народното епско творештво опеаниот Крал Марко, заштитникот на обесправените и угнетените, кој владеел до 1395 година. Марковите кули се една од петте најголеми тврдини на Балканот. На падините на Маркови Кули непосредно над Варош се наоѓа прекрасното ремек дело на природата петроглифот „Слон“. Нашите предци во остенците и блоковите ги препознавале скаменетите тела на ликовите од легендите и преданијата, во стапалките и чашките ги гледале стапалките на Марко и неговиот коњ Шарец, а раседите биле сведоштво за неговата сила и гнев, кога пред неговата сабја „дипленица“ не можел да се попречи камен, а камоли човек.
Несомнено е дека врз развитокот на културата на просторот на заштитеното подрачје Маркови Кули во значителна мера влијаела разиграноста на животната средина, амбиентот и пејсажите. Необичните форми на карпестите облици од секогаш ја потикнувале фантазијата на луѓето коишто во безживотната маса на каменот препознавале разни животни или предмети. Тоа пак резултирало со создавањето на топонимите, Желка, Лав, Волк, Птица, Баба, Наковална и слично. Своевидно обележје на пределот претставува остенецот во подножјето на ридот Маркови Кули, кај Варош, кој меѓу наделението е попознат како Слон или Штрк. Сугестивните облици на карпестите маси и неможноста да се сфатат долготрајните геолошки процеси, ги оставале луѓето од минатото вчудоневидени пред вонземниот прејсаж на Маркови Кули. Поради тоа, невообичаените форми најчесто биле објаснувани со присуството и делувањето на Кралот Марко, по кого е именуван целиот овој простор.