Куклица

Геолошкиот резерват “Весела свадба” е ремек-дело на природата. Но, кај народот постои легенда за скаменетите сватови. Имам легенда кажана од Стојан Јанков Токмак, како и од браќата Драгомир и Мирон од с. Куклица, кои ja чуле од нивните баби Перса и Това.  Во селото Куклица живеел градител, мајстор – ѕидар на куќи. Бил голем мајстор, а воедно бил и голем лажго. Решил да се жени. Во селото имало Горно и Долно маало. Мајсторот им закажал свадба на двете Стојанки во ист ден. Стојанка од Долно маало била многу богата – имале овци, говеда, афион, памук, коноп, но не била убава. Стојанка од Горно маало, пак, била сиромашна, но многу убава. Стојан се одлучил да се ожени со Стојанка од Долно маало.

Кога слушнала тапани и гајди, Стојанка од Горно маало се зачудила зошто сватовите не дошле кај неа, па затоа решила да слезе во Долно маало и да провери што се случува. Ја видела свадбата и сфатила дека мајсторот решил да ја земе побогатата Стојанка. Тогаш ја фрлила клетвата: “Да даде Господ сите да се скамените, па макар и ти и јас!” Во моментот кога младенците се бакнале, клетвата се остварила и сите свадбари се скамениле.

Скаменетите свадбари и денес сведочат за гневот и за болката на несреќната девојка. Селаните го викаат местото “Весела свадба” зашто сватовите останале насмеани, а младенците се скамениле во нежна прегратка. Поради овие скаменети “кукли” и местото го добило своето име – Куклица. Со малку фантазија, секој посетител може да си ги дополни празнините во приказната, бидејќи не се знае што се случило со девојката што ја фрлила клетвата. Мештаните раскажуваат дека нивните предци се обиделе да ја растурат клетвата на вљубената девојка, но не успеале. Во резерватот има 148 кукли, или земјани пирамиди. Народот на секоја кукла ѝ има дадено некоја улога (на пример, има кум, старосват, чичо, стрина, сватови…).

Зетот и невестата со сватовите
Кукли

На просторите каде што се куклите имало езеро. Со истекувањето на езерото, почнува нивното моделирање, што трае и ден-денес под влијание на гео-егзогените фактори.

Во геолошкиот резерват Куклица најдени се фосилни остатоци од дендро-флора, скаменети дрва. Ова му дава тежина на резерватот, затоа што го прави овој резерват еден од единствените три резервати во целиот свет (останатите два се во Кемниц и Лезбос – Грција).

Во околината на геолошкиот резерват, поточно кај Горни кукли, се наоѓа вулканска кал, каде што научниците од Институтот за геологија од Бохум даваат совети да се направат бањи во кои ќе се користи вулканската кал за ревматични заболувања – коски, зглобови, рамена…

Научниците велат дека камените фигури се создале пред десет милиони години, кога сè уште немало луѓе на планетата. Вертикалната ерозија на вулканските карпи создала „кукли“ повисоки од десет метри, што и денес доминираат во питомата околина. Со текот на времето природата од нив извајала ретки ремек-дела. Како и да е, ваква „свадба“ нема никаде на светот.

Локалното население кажува дека на секои пет до шест години, и во Горно и во Долно маало, двата локалитета што се поделени со еден рид, никнува по една нова фигура. „Највпечатливи се невестата и младоженецот, кои се придружени од деверот и деверицата. Тие се најголеми и се гледаат еден со друг в очи“, кажуваат селаните.