„Ако Охрид е бисер, Галичник е дијамантот на Македонија.“ - Нове Франговски
Селото Галичник се наоѓа во западниот дел на Република Македонија, на југоисточните падини на планината Бистра,во центарот на мијачкиот регион. Лежи на надморска височина од 1150 до 1450 метри.
Името го добило според реката Галик, која тече близу Солун, но исто така постои друга легенда која вели дека е добиено според “дивите кокошки” – галици. Се смета дека настанало уште во 10 и почетокот на 11 век и е едно од најстарите села во мијачкиот предел.
Поради надморската височина и положбата, селото има многу чист воздух, прекрасна планинска клима со свежи, пријатни лета и доста снежни зими. Со право се вели дека Галичник е еден од најубавите и најатрактивни делови во Македонија и Балканот.
Галичка свадба
Галичката свадба е најпознатата манифестација во Галичник и се одржува уште од 1963-та, секоја година на Петровден. Во минатото на тој ден се склопувале дури до 40 бракови, но денес свадбата има повеќе културно значење.
Свадбата е богата со многу народни свадбарски обичаи и ритуали. Еден од предусловите е барем еден од младите да е со галичко потекло. На денот на свадбата најпрво се чекаат тапаните, потоа се врти свекрвино оро, па се носи невестата на вода, се поставува свадбарскиот бајрак, се канат мртвите, па се бричи зетот, се зема невестата и се замесува лебот, а венчавката се одвива во црквата „Св. Петар и Павле“. Кога ќе се слушнат тапаните и зурлите, обичајот е стројни млади да се фатат за рамена и со бавен чекор да го заиграат ТЕШКОТО – орото на печалбарот.
Галичка носија
Галичката носија може да биде невестинска, женска , моминска, детска и машка. Се одликува со невообичаено богатство на детали и плени со својата убавина и раскош, а тежи околу 30 килограми.
Се состои од волнено, тенко, ткаено здолаче, минтан изработен од волна со ракави кои се обоени со темно црвена боја како и полите на градите. Над минтанот се облекува долга кошула и над неа се зашиени везени ракави.