Античкиот театар се наоѓа на подножјето на источната страна на охридски рид, под Самоиловата тврдина, во непосредна близина на еден од главните влезови-Горна Порта, од каде што се доловува незаборавна глетка на Охридското Езеро. Бил изграден пред повеќе од два милениуми, некаде на крајот на III или почетокот на II век, во периодот на доцнежниот хеленизам и бил наменет за прикажување на драмски, музички и поетски претстави на љубителите на театарската уметност. Граден е по угледот на прочуените грчки камени градби од овој вид, со богата архитектонска декорација, особено на театарската зграда која што била украсена со фриз од барелјефни плочи на кои биле вклесани сцени од животот на боговите. На две такви мермерни плочи, кои денес се чуваат во Охридскиот музеј, претставен е богот Дионис во друштво со Музите.
Некои од тогашните градски првенци имале закупено и сопствени седишта во театарот и така, денес ние дознаваме за Крисп и Топос како големи љубители на театарската уметност бидејќи нивните имиња сè уште стојат врежани во камените блокови од седиштата. Веднаш по римските освојувања на овие краеви во 148 година п.н.е. театарот, најверојатно за исклучително кратко време, бил приспособен за потребите на римскиот начин на живеење. Објектот бил преуреден во театарски простор со арена за гладијаторски борби и борби со диви ѕверови при што неколку од долните редови седишта биле урнати и на нивно место биле изградени неколку кафези за животните, а орхестрата со почесните седишта била изаградена со заштитен ѕид. Подоцна во горната, надворешна зона бил изграден епитеатрон, со што капацитетот на театарот се зголемил до 5000 гледачи.
Во текот на 1999 година започна проектот за негово целосно откривање и ставање во функција, а од 2001 година на сцената на отворениот реконструиран простор на античкиот театар повторно, по дваесет векови, се одржуваат драмски претстави, музички приредби и разни други манифестации. На сцената на отворениот реконструиран простор на Античкиот театар од 2001 година, се изведува традиционалната меѓународна манифестација “Охридско лето”. Освен Охридско лето како почесна манифестација, локалитетот е домаќин на многубројни изведувачи, како македонски, така и странски.
Повеќе од сигурно е дека историската, културната и духовната магија на Охрид тешко може да се опише, едноставно, потребно е да бидете дел од амбиентот.